Полскиот премиер Матеуш Моравјецки во Вилун, централна Полска, на 84-годишнината од избувнувањето на Втората светска војна, ѝ порача на Германија дека нејзиното извинување за злосторствата и уништувањето не е доволно, туку дека мора да плати воени репарации за да можат двете земји да функционираат нормално.
– Полска и Германија денес се партнери во Европската Унија, но за да можат да функционираат во иднина мора да го затворат тоа поглавје од Втората светска војна. Не е доволно „паметиме“. Треба да ги обесштетиме жртвите. Ние не бараме само сеќавање и вистина, туку сатисфакција во вид на репарации за да можеме да го затвориме тоа поглавје од историјата – рече утрово Моравјецки.
Централното одбележување на 84-годишнината од почетокот на Втората светска војна почна во 4:45 часот во Вилун, првиот полски град што беше бомбардиран, и на полуостровот Вестерплате кај Гдањск, каде што беа испукани првите салви од германскиот воен брод Шлезвиг-Холштајн врз полскиот гарнизон на тој полуостров на Балтикот на 1 септември 1939 година со што формално почна Втората светска војна.
Претседателот на Полска Анджеј Дуда и министерот за одбрана Мариуш Блашчак им оддадоа почит на бранителите на Вестерплате и војниците кои загинаа во Втората светска војна и порачаа дека Полска, особено по руската агресија врз Украина, мора да ја зајакне армијата и нејзината способност да заплашува за во иднина да не мора да војува.
– Мораме да жртвуваме многу од нашите потреби за да ја зајакнеме нашата војска навреме, за генералот да биде мудар пред битката, а не по неа, пред некој лудак да помисли да ни ја заземе земјата, да мисли дека може да не нападне затоа што сме слаби, рече Дуда на церемонијата на Вестерплате.
Полскиот претседател ја обвини Русија дека повторно се обидува насилно да ги промени границите во Европа и им порача на Полјаците да не бидат наивни и да мислат дека ова е последен таков обид.
– Ништо нема да ја смени историската вистина и документите што постојат. Црвена звезда рамо до рамо со свастиката сакаше да доминира во Европа. Земјата на Полјаците, Литванците, Летонците, Естонците е преплавена со крв. Слободата не се дава еднаш засекогаш. И нема да се зачува сама. Никој нема да ни ја подари – рече полскиот претседател оддавајќи им почит на бранителите на Вестерплате.
Тој потсети дека Полска беше првата жртва на фашистичка Германија на 1 септември 1939 година и оти на 17 септември и Советскиот Сојуз ја нападна Полска и заедно со Хитлер ја распарчи.