Американската министерка за финансии, Џенет Јелен, се најде на насловните страници на светските медиуми откако Си-Ен-Ен откри дека јадела кинески специјалитет базиран на халуциногени печурки за време на посетата на Пекинг минатиот месец.
– Отидов на вечера со поголема група луѓе, а одговорниот од организацијата ни ги нарача оброците. Меѓу нив имаше и многу вкусен растителен специјалитет. Тоа беше вкусно јадење со печурки за кое не знаев дека има халуциногени својства. Тоа го дознав подоцна – изјави Јелен за Си-Ен-Ен.
Кинескиот специјалитет во кој уживала американската министерка е јадењето „џиан шу кинг“, што значи „види ја сината рака“, направено од печурки Lanmaoa asiatica, чии делови посинуваат кога се сечат.
Д-р Питер Мортимер, професор на Институтот за ботаника Кунмин, вели дека овие печурки се сметаат за отровни бидејќи можат да бидат халуциногени.
-Сепак, научниците сè уште не ги идентификувале соединенијата одговорни за предизвикување халуцинации. Тоа останува малку мистерија. Имам пријател кој ги јадеше по грешка и халуцинираше три дена – вели д-р Мортимер.
Јелен беше во четиридневна посета на Кина, која, заедно со посетата на државниот секретар Антонио Блинкен претходно во текот на летото, беше прва посета на висок американски функционер на Кина по повеќе од три години.
Јелен и покрај инцидентот со печурките, го пофали патувањето како многу позитивно, велејќи дека тоа ги става односите на САД со Кина на „сигурни нозе“.
Откако корисник на кинеската социјална мрежа Weibo објави дека Јелен јадела во ресторан во Јунан наречен „In and Out“ за време на нејзиното патување, хаштагот преведен како „Првиот оброк на американската министерка за финансии Јелен во Пекинг е јунански“ почна брзо да се шири на мрежата, а поврзаните објави надминаа шест милиони прегледи.
Една од помошничките на министерката потврдила дека јадела јадење со печурки во ресторан, пренесува Гардијан.
-Можам да ви кажам дека никој од нас не беше погоден од печурките – изјави Јелен низ смеа за Си-Ен-Ен, пред да ја прашаат што мислела кога рече дека подоцна дознала за ефектите од печурките.
-Прочитав дека ако печурките се готват правилно, што сум сигурен дека беше случај во овој многу добар ресторан, тие немаат ефект. Но, сите уживавме во печурките и ресторанот и никој од нас не почувствува никакви лоши последици откако ги јадеше – рече американската министерка.