Кога јавноста мислеше дека дното е постигнато, со тоа што внукот на Али Ахмети, Дрин Ахмети го купил бизнис центарот Соравиа, на 24 години за 30 милиони евра, затоа е тука вториот внук, кој со само 10 месеци стаж, станува прв секретар во амбасадата во Брисел, поставен токму од министерот Бујар Османи, тврди ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата, внукот, Бесиан Ахмети е преземен по пат на интерен оглас, од Министерството за економија.
– Иако упатувањето во дипломатско конзуларните претставништва (ДКП) на Македонија во странство се врши врз основа на спогодба меѓу МНР и соодветната институција, сепак Дипломатското звање го дава МНР, согласно член 78 во врска со чл 95 од Законот за надворешни работи, во случајов на помлад соработник одговара дипломатското звање „Аташе”, додека на советник и раководител на одделение одговара дипломатското звање „Прв секретар”. Значи без соодветно образование и искуство, внукот Бесиан е унапреден 3 скалила погоре. Дали можеби бидејќи имал посебна дарба за дипломат, како и внукот Дрин Ахмети за претриемач е поставен на местото прв секретар во амбасадата во Брисел? Дали Ковачевски не знае ни за вториот внук сега, кој е вработен во државна институција? – прашува ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата додаваат дека единствен начин да се запрат овие луѓе, кои си прават династија на грбот на народот, се изборите кои следуваат.