Белорускиот претседател Александар Лукашенко денеска изјави дека неговата земја почнала да добива тактичко нуклеарно оружје од Русија, од кое некои се трипати помоќни од атомските бомби фрлени од САД на Хирошима и Нагасаки во 1945 година. За првпат по распадот на Советскиот Сојуз Москва испраќа надвор од руската територија нуклеарни боеви глави со помал дострел, кои би можеле да се користат на бојното поле.
– Имаме проектили и бомби што ги добивме од Русија. Бомбите се трипати помоќни од оние фрлени врз Хирошима и Нагасаки – рече Лукашенко во интервју за државната руска телевизија, објавено на каналот Телеграм на белоруската новинска агенција Белта.
Лукашенко, близок соработник на рускиот претседател Владимир Путин, во вторникот објави дека нуклеарното оружје може да пристигне во Белорусија „за неколку дена“ и дека неговата земја има инфраструктура за ракети со голем дострел доколку некогаш е потребно.
Путин во петокот рече дека Русија ќе испрати оружје, врз кое ќе ја задржи контролата, откако Белорусија ќе ја подготви потребната инфраструктура. Во вторникот Лукашенко рече дека Белорусија има неколку локации за ова кои датираат од советската ера и дека обновила пет или шест од нив.