Поранешниот американски претседател Доналд Трамп денеска пристигна пред судот во Мајами за да се соочи со федералните обвиненија, при што повторно беше официјално уапсен.
Тој е обвинет за незаконско задржување доверливи документи и за лажење на службениците кои се обиделе да ги вратат, но Трамп тврди дека е невин и вети дека ќе ја продолжи кампањата за изборите во ноември 2024 година.
Трамп е првиот претседател на САД кој се соочува со кривични пријави.
Но, според правните експерти тоа не го спречува да се кандидира или да ја преземе функцијата претседател дури и ако биде прогласен за виновен.
Обвинет е и поранешниот помошник на Трамп, Волт Наута.
Според обвинението, Наута, заедно со својот шеф, пред и по претресот на Мар-аЛаго преместувал и криел кутии со доверливи информации. Тој беше обвинет и за давање лажни и погрешни изјави на ФБИ.
Трамп беше уапсен и на почетокот на април годинава во суд во Њујорк, во случај на измама поврзана со пари исплатени на порно ѕвезда во 2016 година. Тој е обвинет дека ги прекршил правилата за финансирање на кампањата бидејќи наводно и платил на порно ѕвездата Сторми Даниелс за да молчи за нивната врска, пред претседателските избори на кои ја победи демократката Хилари Клинтон.