Железничкиот сообраќај во државава е нормализиран, откако денеска во 13 часот е исплатена платата за април во ЖРСМ Транспорт АД Скопје и е прекинат бојкотот што го почнаа изутрината вработените во работилницата при подружницата влеча на возови.
Во тек на неколкучасовниот бојкот не сообраќале два воза, еден патнички и еден товарен.
-Денеска во ЖРСМ Транспорт АД Скопје во 13 часот е пуштена платата за април. Вработените од работилница продолжуваат со непречена работа, возовите сообраќаат согласно патниот распоред – информираа за МИА од РЕ одржување – работилница во подружницата влеча на возови при ЖРСМ Транспорт.
Тие порачаа дека остануваат на претходните заклучоци, доколку до 15-ти во месецот не биде исплатен првиот дел од платата односно до 25-ти вториот дел од платата, наредниот ден работниците во работилница ќе престанат да ги извршуваат работните задачи и нема да ги поправаат и прегледуваат локомотивите и патничките гарнитури.