Владата прави анализа дали да ја остави стапката на ДДВ за струјата на 10% или да ја врати на 18% од 1 јули. Анализите се при крај и наскоро ќе излеземе со информација, изјави вицепремиерот за економски прашања Фатмин Битиќи, во гостување на ТВ Телма.
-Ние пред година и половина кога донесовме мерка за ублажување на состојбите со енергетската криза и намалување на ДДВ, тогаш најавивме дека постепено ќе се врати затоа што не сакаме да нанесеме поголема штета на приходната страна на Буџетот. Се прават последните анализи дали стапката ќе остане на 10% или ќе се врати на 18%, без притоа товарот да падне врз граѓаните – рече Битиќи.
Во врска со цената на струјата тој објасни дека ЕСМ дава предлог кон ЕВН Хоум, а потоа Регулаторната комисија ќе донесе одлука, која се очекува да се знае кон крајот на јуни.
– Имаме месец и пол пред нас, а ние не зависиме само од домашните поизводители на електрична енергија. зависиме од цените кои се на берза – вели Битиќи.
Тој додаде дека одлуките кои ќе се донесат за цената на струјата ќе бидат во полза на граѓаните.