Што се случува со изградбата на автопатот Гостивар – Букојчани, со кој требаше да почне големиот проект за изградбата на коридорите 8 и 10 Д, во изведба на конзорциумот „Бехетл и Енка“, за што ќе бидат потрошени меѓу 1,3 и 2 милијарди евра?
Нема градежни активности на коридорот 8, затоа што не се подготвени и немаат проект, а од денеска почнува да тече рокот за плаќање на пенали кон „Бехтел и Енка“, изјави лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски.
Зошто мора да се менува и Законот за градба?
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ откри и нов момент од договорот на владата со „Бехтел и Енка“ – владата мора да го смени и законот за градење, со што на изведувачите ќе им се дозволи да почнат со проектот без претходно да добијат дозвола за градење, односно без основен проект кој што би бил ревидиран и придружен заедно со сите одобренија што се бараат согласно со законот.
Тие самите кажаа дека сега е е во тек процесот на формирање на градилиштето. А што значи тоа? Ќе бараат парцели каде што ќе ги одложат градежните машини и алати, парцели каде што ќе се изградат живеалишта за работниците, кои што планираат да ги донесат од надвор. Од она бледо соопштение на Владата слушнав дека допрва ќе има снимањето на теренот, геолошки и геотехнички истражни работи, идентификувањето на катастарските парцели, односно дефинирање на трасата. Бидејќи, трасата се уште не е дефинирана. Па дури потоа ќе уследи изработка на основен проект, а откако ќе биде изработен основниот проект, ќе има ревизија на истиот, па дури потоа следи аплицирање за одобрение на градба, заедно со сите придружни дозволи. Така би требало да биде според Законот за градење – објасни Мицкоски, додавајќи дека со измените на Законот за градење ќе се бара проектот да почне без дозвола за градба.
Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски во текот на викендот се пофали дека сите постапки ќе се реализираат со цел да се изградат коридорите на време, брзо и ефикасно.
– Во однос на почетокот на градбата на коридорите, веќе информиравме дека 22 април е старт на реализација на Договорот, каде изведувачот почнува со изработка на проекти, на урбанистички и на основни проекти, со цел да започне и постапка на експропријација на земјиштето кое е приватно. Да изврши снимање на теренот, на состојбите, на постојната состојба на трасата, да се види каде има подземни и надземни инсталации, кои можеби ќе треба да бидат дислоцирани во текот на самата градба. Да се утврди постапката на геотехнички и геомеханички истражувања – објасни Бочварски.
„Бехтел и Енка“ ќе имаат пари за земање
Министерството за транспорт и врски демантираше дека Бочварски потврдил дека почнал да тече рокот за плаќање пенали кон изведувачот, како што објавија некои медиуми.
– Досега не се исплатени средства кон компанијата. Првата исплата на средства би била авансот за отпочнување на градежните работи и секој исплатен денар кој ќе биде од страна на државата и на Владата кон Јавното претпријатие за државни патишта, а потоа и кон изведувачот, ќе биде објавен на сајтот на Јавни финансии – рече Бочварски.
Во врска со измените на Законот за градење, што ги проблематизира ЦМРО-ДПМНЕ, Бочварски вели дека ова е нова постапка и нов систем на градење, каде најпрво ќе се одобри урбанистичкиот проект кој ќе ја утврди трасата по кој ќе почне постапка на експропријација на земјиштето.
– Бидејќи овој проект предвидува фазно градење и проектирање поединечни делови од една делница, тоа значи дека не може државата да издава десет пати одобренија за градење за една иста делница. И токму поради тоа, во однос на основниот проект, со ревизија ќе биде запазена процедурата. Основниот проект ќе биде доставен, технички исправен, потврден од страна на инженери статичари. Во делот на механичката отпорност и стабилноста, исто така ќе биде потврден целиот проект. Но, целиот проект предвидува фазно градење и поради тоа во законските измени се предвидува нов модел кој ќе предвиди побрза градба – изјави министерот за транспорт и врски.
Поминаа 45 дена од потпишување на договорот помеѓу владата и „Бехтел и Енка“, градежните машини мируваат, но затоа, барем поред договорот меѓу инвеститорот и контракторот, Владата има обврска да исплати 53 милиони евра еднократно и над 2 милиони евра секој месец, затоа што не успеала во договорениот рок да обезбеди 60-часовна работна недела. Се проценува дека штета по буџетот кумулативно, за период од 5 години, би можела да изнесува над 150 милиони евра.
Што вели Договорот за 60-часовната работна недела?
Да потсетиме. Плусинфо на 10 април ексклузивно објави една страница од Договорот меѓу инвеститорот и изведувачот „Бехтел и Енка“, на која јасно пишува каква обврска презела Владата на СДСМ и ДУИ во поглед на обезбедувањето 60-часовна работна недела и какви пенали ќе се плаќаат во случај таа обврска да не се исполни. Ова е страницата 427 од Договорот:
Кaко што може да се прочита, тука пишува дека времето на извршување на договорените работи и цената зависат од претпоставката дека на целиот персонал на Контракторот ќе му биде овозможено легално да работи 60 часа неделно. Оваа одредба очигледно е предвидена поради фактот дека македонските власти неодамна ја скратија работната недела и го прогласија денот недела за неработен.
Во точката „i“ пишува дека неисполнувањето на таа обврска ќе значи продолжување на рокот на работите за најмалку 6 месеци.
Во точката „ii а“ на оваа страница се зборува за тоа дека ако овој услов не се исполни, минимална сума од 53 милиони евра еднократно ќе биде додадена на почетната сума од 117 милиони евра што ќе ја плати Работодавецот. Овие 53 милиони евра ќе бидат исплатени во рок од 15 дена по истекувањето на рокот од 45 дена, кога Работодавецот треба да обезбеди 60-часовна работна недела за персоналот на Контракторот.
Во точката „ii b“ пишува дека капиталните индиректни трошоци, кои се плаќаат месечно, ќе пораснат за најмалку 1.265.000 евра месечно.
Во точката „ii c“ се спомнува уште еден пенал, сума од 900.000 евра месечно, што Работодавецот, ако добро разбираме, ќе ја плаќа од моментот кога истекол рокот од 45 дена да обезбеди 60-часовна работна недела, до моментот кога можеби ќе успее да усвои таква законска измена.
Целиот Договор се уште не им е достапен ни за пратениците ни за јавноста.