Џек Тешеира, 21-годишниот припадник на Воздушната национална гарда, кој е идентификуван како главен осомничен за протекувањето на доверливи разузнавачки документи, се чини дека сакал да ги импресионира својите колеги и пријатели праку социјалните мрежи. Се поставува прашањето како таква лабилна личност воопшто била примена на работа во која има достап со високодоверливи материјали, и како успеал без последици да ги изнесува и преснимува?
Тешеира денеска ќе се појави во суд во Бостон во врска со протекувањето на доверливи воени и разузнавачки документи. Тој вчера мирно беше уапсен од ФБИ во својот дом во Дајтон во руралниот дел на Масачусетс.
Младиот Тешеира работел како компјутерски техничар во разузнавачкото крило на Воздухопловната гарда во Масачусетс. Тој се придружил на Националната гарда во 2019 година и бил на ниска работна позиција. Бил распореден во 102-то разузнавачко крило на воздушната национална гарда на Масачусетс.
Истовремено, младиот компјутерџија модерирал затворена онлајн група на социјалната мрежа Дискорд, во која членуваат околу 30 млади мажи и тинејџери, кои имале заеднички интереси за оружје, видео игри, а ги врзувале и заедничките расистичи и екстремистички сфаќања. Во оваа група Тешеира со месеци споделувал тајни информации. Пентагон станал свесен за протекувањето дури откако скриншотовите од документите почнале да се објавуваат надвор од групата.
Покрај возраста на Тешеира, и мотивот изгледа необично. Негови пријатели велат дека тој бил критички настроен кон владата, но не го опишуваат како свиркач или странски агент.
Се чини дека од самиот почеток, објавувачот Тешеира се обидел да ги импресионира своите млади пријатели, пишувајќи пораки со акроними и жаргони, објавувајќи доверливи документи, прво пишувајќи буквални преписи или цитати, а потоа почнал да објавува вистински документи, или нивни фотокопии и фотографии.
Според „Вашингтон пост“, тој на другите членови им рекол дека тоа се документи што ги донел дома од „воена база“ каде што понекогаш работел, во обезбеден објект што забранувал мобилни телефони и други електронски уреди.
Во интервјуто за весникот „Вашингтон пост“, мајката на Тешеира, Даун, потврди дека нејзиниот од неодамна работел во смени во базата на Кејп Код, а во последните денови го сменил телефонскиот број.
За истражителите најважно е прашањето што е тоа што би можело да го мотивира објавувачот на таквиот чекор. Објаснувањето, дадено од членовите на чат-групата каде биле објавувани документите, е запрепастувачки приземно. Откривачот, тврдат тие, не бил свиркач, ниту шпион, туку млад човек кој сакал да се покаже пред своите млади пријатели со документите, кои никогаш немал намера да ја напуштат групата за разговор.
– Овој човек беше христијанин, против војна, само сакаше да информира некои од неговите пријатели за тоа што се случува. Имаме некои луѓе во нашата група кои се во Украина. Ние сакаме борбени игри, сакаме воени игри – рекол еден од членовите на групата.
Како што истрагата се затвори за виновникот, беа поставени сериозни прашања за последното многу срамно истекување на американското разузнавање. Можеби на врвот на листата е прашањето како на некој толку млад и емоционално несигурен човек, згора на тоа со расистички и анти-естаблишмент ставови, можело да му биде дозволен пристап до документи што содржат високо доверливи разузнавачки информации.
Подеднакво шокантно, како што се појавува приказната, е како тој поединец успеал да изнесе доверливи материјали од безбедна локација без да предизвика сомневања.