Насловната страна на новиот број на филипинското издание на магазинот „Вог“ предизвика бран од возбуда на социјалните мрежи, а причина за тоа е фотографијата од 106-годишна жена на неа.
Магазинот „Вог“ одлучи на насловната страница во април да го објави уметникот за тетоважи Апо Ванг-Од, кој потекнува од планинското село Бускалан на Филипините, северно од главниот град Манила. Во оваа прилика ја снимија и нејзината приказна. „Апо Марија Ванг-Од Огај ја симболизира силата и убавината на филипинскиот дух. Таа е последниот уметник за тетоважи од нејзината генерација, ги истетовира симболите на племето Калинга на илјадници луѓе кои отидоа на аџилак во Бускалан“, напишаа тие на социјалната мрежа Инстаграм покрај насловната слика. Таа самата почнала да ја учи уметноста на тетовирање во тинејџерските години од нејзиниот татко, кој и го пренел знаењето, пренесува онлајн порталот CNN Style.
Во исто време, магазинот Vogue додаде изјава на 106-годишната Апо Марија, која вели дека – кога ќе ја посетат луѓето од далечните земји – таа секогаш ќе биде среќна да ги истетовира со симболите на Бускалан и племето Калинга. Таа е најстарата личност која некогаш позирала за насловна страна на светски познат моден магазин. Нејзините тетоважи се создадени со помош на бамбусово стапче на кое е закачен трн од дрво помело, вода и јаглен. Ваквото знаење може да се пренесе само преку крвни сродници, па Апо Марија Ванг-Од долги години ги учи своите две правнуки на овој вид уметност.
Многу корисници на социјалните мрежи беа подеднакво импресионирани од фотографиите на 106-годишната жена, како и фактот што решија да ја објават на насловната страница. Автор на фотографиите е Арту Непомучено, а насловната слика на Инстаграм им се допадна на над 300.000 луѓе. Следбениците одговорија со позитивни коментари и пофалби, некои дури пишуваа дека насловната страница веќе стана легендарна.