Одлуката на грчката Влада за зголемување на минималната плата, која ќе изнесува 780 евра од 713 евра колку што беше претходно, од денеска стапува на сила, јави дописничката на МИА од Атина.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис преку Фејсбук коментираше дека минималната плата е на историски највисоко ниво досега и истакна дека на крајот на месецот 585.000 вработени ќе имаат покачување на платите.
„Од 2019 година кога ја презедовме власта, вкупното зголемување на минималната плата достигнува до 20 отсто. Добро знам дека платите кај нас, сè уште се ниски. Очигледно новото зголемување, само по себе не го решава проблемот. Но, нашата земја, благодарение на динамичниот раст на економијата што го постигнавме во последните години, постепено се приближува кон Европа во однос на приходите“, напиша Мицотакис.
Тој додаде дека меѓу 22-те европски земји кои имаат минимална плата, Грција моментално е на десеттото место и истакна дека доколку грчкиот народ повторно ги избере на следните избори, ова зголемување во ќе биде уште подинамично.
Пред две седмици за време на состанокот со надлежните министри, Мицотакис го соопшти зголемувањето на минималната плата, кое носи и зголемувања на надоместоците за невработените и на останатите бенефиции за вработените.
Фото: МИА