Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун апелираше за зголемување на производството на „воен нуклеарен материјал“ и производство на помоќно оружје, објавија денеска севернокорејските медиуми.
Ким Џонг-ун ги повтори претходно презентираните планови за „експоненцијално“ зголемување на нуклеарното оружје непосредно пред планираното пристигнување на носачот на авиони на американската морнарица во Јужна Кореја денеска.
По разговорите со претставниците на Институтот за нуклеарно оружје во земјата, Ким рече дека Северна Кореја мора да се подготви да го користи своето нуклеарно оружје „секаде и во секое време“, објави КЦНА.
Кога Северна Кореја „совршено“ ќе ги подготви своите системи за нуклеарно оружје, „непријателот ќе се плаши од нас и нема да се осмели да го оспори суверенитетот на нашата земја, нашиот систем и нашиот народ“, рече Ким, според агенцијата.