Јужна Кореја ќе побара екстрадиција на До Квон, еден од најбараните светски бегалци од областа на криптокримизмот, кој беше уапсен во Црна Гора, изјави денеска портпаролката на обвинителството во Сеул.
„Јужнокорејските обвинители ќе преземат чекори за да го вратат Квон До-Хјунг во земјата. Работиме на тоа“, изјави за АФП Ким Хје-кјунг, портпаролка на обвинителството во Јужен Сеул.
Црногорските власти вчера соопштија дека е уапсен јужнокорејскиот државјанин До Квон.
На крајот на декември минатата година, јужнокорејските власти објавија дека Квон, ко-основачот и извршен директор на сингапурската компанија Terraform Labs, најверојатно се крие во Србија.
Квон го бараат Јужна Кореја, САД и Сингапур, а Интерпол по него распиша меѓународна потерница во септември.
Тој беше обвинет за измама и кршење на правилата на пазарот на капитал по колапсот на дигиталните монети „тера“ и „луна“ во мај минатата година, како резултат на што инвеститорите загубија околу 42 милијарди долари.