Бојан Јовановски, познат како Боки-13, осуден во случајот „Рекет“, кој издржува затворска казна во КПУ „Идризово“, денеска изутрина е хоспитализиран во Универзитетската клиника за хируршки болести Св. Наум Охридски – Скопје, каде треба да му се изврши операција на тотална гастректомија, односно целосно отстранување на желудникот – информираа неговите адвокати.
„Согласно специјалистичкиот извештај, ве информираме дека за извршувањето на операцијата, која по својот карактер е сложена, високоризична и со неизвесен исход, формиран е тим на повеќе хирурзи – специјалисти од областа кои ќе ја извршат операцијата, а истовремено напоменуваме дека хирурзите – специјалисти се оградуваат од ризикот и одговорноста за исходот од оперативниот зафат, дотолку повеќе што тие навремено и повеќекратно даваа категорични препораки и укажувања преку конзилијарните стручни мислења, да не дојде до оваа операција и да се избегне овој мутилантен хируршки зафат, од причини што самата хируршка интервенција е високоризична и сложена, придружувана со можни компликации кои можат да бидат кобни за пациентот – се вели во известувањето.
Застапниците на Боки-13 велат дека оваа операција можела да се избегне доколку било прифатено нивното барање за прекин на отслужување на затворската казна од здравствени причини.
„Оттука, произлегува фактот дека поради апсолутно и крајно непочитување на издадените задолжителни препораки и мислења на стручните колегиуми на државните клиники од страна на судските власти и Управата за извршување на санкциите, дојде до оваа непосакувана и ризична актуелна здравствена состојба на Бојан Јовановски, после која во најдобар случај и позитивен исход од операцијата, Бојан Јовановски ќе биде со траен инвалидитет. Целата оваа ситуација и операцијата можеше да се избегне доколку властите кои одлучуваа по барањата за прекин ги почитуваа специјалистичките препораки кои категорично укажуваа дека ќе дојде до сето ова, бидејќи во затворски – пенални услови нема можност за лекување и третирање на болеста на пациентот“ – се вели во соопштението.
Правниот тим на Јовановски доставил до Основниот кривичен суд ново барање за прекин на издржување на казната затвор, согласно чл.224 ст.2 од ЗИС, и очекува позитивна одлука која ќе биде донесена во итен рок.