Француските и италијанските медиуми во понеделникот објавија дека доаѓа нова подолга пауза за Пол Погба, 29-годишниот француски репрезентативец и фудбалер на Јувентус од Торино.
Погба го повреди бутниот мускул на тренинг и најверојатно ќе биде надвор од фудбалските терени во следните три недели, но можеби и подолго. Тоа ќе значи дека Франција ќе остане без Погба на стартот од квалификациите за следното Европско првенство.
Тимот предводен од селекторот Дидие Дешамп првиот натпревар од групата Б ќе го има против Холандија на домашен терен на 24 март, додека три дена подоцна актуелниот светски вицешампион гостува во Ирска.
Јувентус, пак, оваа сезона сигурно не може да смета на Погба, кој одигра само два натпревари за клубот од Торино. Минатата година тој беше надвор од терените поради тешка повреда, а потоа и операција на десното колено.
Поради минус 15 бодови, Јувентус моментално е седми на табелата во Серија А, но да не беше казната ќе беше на второто место зад Наполи. Торинскиот тим во моментов игра во осминафиналето на Европската лига. Првиот домашен натпревар го добија против Фрајбург со 1-0.