Бел леб нема да има ни утре во маркетите во Скопје најавуваат пекарите и бараат средба со Владата за да се изнајде решение за проблемот. Горан Малишиќ, претседателот на Групацијата на Мелничко-пекарската индустрија за Телма објасни дека едно можно решение е да се изнајде еден одреден најевтин тип леб кој ќе се продава по регулирана цена и грамажа, додека другите типови лебови да не бидат ценовно регулирани за да може да функционира пазарот.
– – Ние очекуваме владата да нè повика за да изнајдеме заедничко решение за доброто на сите. Се води сметка да се заштитат компаниите. Загубите се огромни бидејќи се ограничува 85 од производството на компаниите. Предлогот постои. Многу е мала разликата да се изнајде решение. Треба да се изнајде еден леб со одредена грамажа кој ќе биде социјална категодија, леб во хартија, да го има како најефтин леб на пазарот, за да се запази тој социјален аспект, да го има за населението, а истовремено да се ослободат ценовно другите лебови за да можат компаниите да функционираат – вели Малишиќ.
Пекарниците исто така велат дека не ги загрижуваат повиците на пекари од Косово кои изјавија дека се спремни да испорачаат евтин леб во Македонија.
– – Тоа и до сега не беше забрането. Тоа нас нè не загрижува – вели Малишиќ.
Одлуката на Владата за замрзнување на цената на белиот леб важи до 31 мај.