Кокаин вреден 330 милиони долари е пронајден во еквадорски контејнер со банани кој требало да биде доставен во Белгија.
Полицискиот командант Фаусто Салинас рече дека дрогата би била проценета на 330 милиони долари доколку стигнела до целта.
Еквадор стана една од главните транзитни земји за кокаин произведен во соседните земји Перу и Колумбија, јавува Би-Би-Си.
Минатата година во земјата на Андите беа запленети повеќе од 200 тони дрога, од кои повеќето во пристаништето Гвајакил.
Бидејќи Еквадор е најголемиот извозник на банани во светот, шверцерите често се обидуваат да ги сокријат своите нелегални пратки меѓу овошјето испратено од Гвајакил до дестинации низ целиот свет.
Овој најнов улов бил пронајден во контејнер полн со сандаци со банани наменети за Белгија.
Запленувањето се совпаѓа со посетата на белгиската министерка за внатрешни работи Анелис Верлинден и европскиот комесар за внатрешни работи Илве Јохансон на Еквадор и Колумбија.
Двајцата официјални лица сакаат да ја зајакнат соработката со двете јужноамерикански земји во борбата против трговијата со дрога.
Во последниве години, Белгија стана земја во која се запленети најголеми количества кокаин во рамките на Европската унија, а пристаништето Антверпен е главната влезна точка за нелегални дроги.