Како ќе одговори Синодот на Македонската православна црква (МПЦ-ОА) доколку, сепак, македонските историчари и политичари во името на евроинтеграцијата им се покорат на соседите и го прифатат бесмисленото тврдење дека Охридската архиепископија е всушност бугарска и дека потекнува од Бугарската патријаршија?
Конкретен одговор на ова прашање не дава никој, но високи црковни извори за Плусинфо брифираат дека атмосферата во раководството на МПЦ-ОА деновиве е прилично затегната, а на моменти дури и пеколна.
Веројатно стрепејќи од онаа старата „кајшто има чад, таму има и оган“ и плашејќи се од евентуално ново извртување на историјата, дел од владиците на МПЦ-ОА и членови на Синодот наводно го информирале поглаварот г.г. Стефан, но и државниот врв, дека нема да дозволат црквата да биде жртва на политиката, а уште помалку предмет за бугарско изживување врз Македонците.
Нашите соговорници брифираат дека владиците биле прилично нервозни додека ги образложувале своите ставови, а интересно е тоа што, како што велат, во контекст на историчарите и политичарите кои ги носат одлуките, честопати се спомнувал и терминот „фрлање анатема“.
Засега, дали ќе фрчат клетви и на кој начин ќе течат преговорите во иднина, само еден Господ знае.
Никогаш бугарска!
Митрополитот дебарско-кичевски и портпарол на Синодот на МПЦ-ОА, г. Тимотеј, објаснува дека Охридската архиепископија е независна автокефална црква на повеќе народи, но дека таа никогаш не била бугарска.
Охридската архиепископија е независна автокефална црква на повеќе народи и не можеме да кажеме дека таа била црква само на македонскиот народ, бидејќи во регионов во тоа време живееле повеќе националности.
Тој вели дека никој не смее да ја стави црквата на маса како дел од преговорите на земјава за членство во Европската Унија, а на бугарските историчари им порачува дека нивното тврдење е без аргументи и дека е повеќе од јасно дека Охридската архиепископија егзистира на темелите на Византија.
– Охридската архиепископија е независна автокефална црква на повеќе народи и не можеме да кажеме дека таа била црква само на македонскиот народ, бидејќи во регионов во тоа време живееле повеќе националности. Меѓутоа, никогаш, ама баш никогаш, Охридската архиепископија не била бугарска и не може да се смета за континуитет на Бугарската патријаршија. Впрочем, историјата не ја претставуваат само историчарите од Бугарија – објаснува г. Тимотеј.
И директорот на Комисијата за односи со верските заедници Даријан Сотировски вели дека Охридската архиепископија има јасна и потврдена историја за нејзиното создавање.
– Сите прашања поврзани со црквата не смеат да бидат тема на дискусија, а македонските историчари мора да бидат многу внимателни и одговорни доколку нешто такво биде побарано од нив. Кога се зборува за Охридската архиепископија како историска категорија и како денешна македонска црковна реалност, нејзиниот статус и нејзиното потекло се целосно заокружени. Јас не гледам причина зошто би се отворале нови проблеми – изјави Сотировски.
„Чиста политика“
Коментирајќи ги последните работни средби на мешовитата историска Комисија, историчарот Тодор Чепреганов вели дека сето тоа наликува на едно обично политиканство од кое македонската страна нема ништо да добие, а членовите на Комисијата ќе се обидат да ги амортизираат позициите.
– И сега ние сме условени да го решиме тоа прашање околу потеклото на Охридската архиепископија, бидејќи, како што потенцираше и бугарската министерка за култура, без решавање на историските прашања нема да започнат преговорите со Европската Унија. Тоа значи дека во моментов ние сме притиснати до ѕид, уценети сме и натерани сме да го прифатиме тоа што го бараат Бугарите – коментира Чепреганов.
И историчарот Марјан Трајковски во разговор за Плусинфо вели дека Охридската архиепископија нема никаква поврзаност со Бугарија, бидејќи, како што посочува, не бадијала е формирана во Охрид, а не во Велико Трново, на пример.
– Охридската архиепископија нема никаква врска со Бугарската патријаршија. Ова што се случува сега е чиста политика. Едноставно, штом ти преговараш со некого, тогаш ти дефинитивно си несигурен во својот национален идентитет, па имаш потреба да се правдаш кој си и од каде си. Затоа не треба воопшто да постојат преговори за национален идентитет. Оти, едно е да си националист, а друго е да си шовинист. Да се биде националист значи дека си ја сакаш својата нација, ама да не го оспоруваш постоењето на другите нации. А шовинизам е тоа што го прават Бугарите. Во случајов, нашите источни соседи совршено добро знаат дека Охридската архиепископија не потекнува од Бугарската патријаршија. Во времето на царот Самоил таа се нарекувала Преспанска Патријаршија, а потоа, во 1.000 година, кога царот Самоил го префрлил седиштето од Преспа во Охрид, тогаш се префрлила и патријаршијата и настанала Охридска архиепископија. Така што, нема ама баш никаква поврзаност со Бугарската патријаршија. Единственото нешто во земјава што остана со македонски префикс е МПЦ-ОА, а тоа, очигледно, многу им пречи на Бугарите и сакаат да го уништат или присвојат – смета Трајковски.
Византија, а не Бугарија
Дека на последната работна средба помеѓу македонските и бугарските историчари од мешовитата Комисија за историски прашања се разговарало за потеклото на Охридската архиепископија потврди и Петар Тодоров, кој е дел од македонскиот тим историчари и експерти.
Фактите и изворите покажуваат нешто различно од тоа што го бараат Бугарите, односно дека Охридската архиепископија, сепак, е византиска црковна институција.
Тој открива дека бугарските претставници инсистирале на тоа дека Охридската архиепископија е наследник на бугарската црква која се појавила во бугарското средновековно царство.
– Тука се судираме со колегите од Бугарија. На децата треба да им се објасни која е улогата на Охридската архиепископија и која е улогата на црквите од византискиот свет. Препораките кои би ги усвоиле треба да бидат и за македонските и за бугарските учебници. Но, фактите и изворите покажуваат нешто различно од тоа што го бараат Бугарите, односно дека Охридската архиепископија, сепак, е византиска црковна институција – вели Тодоров.
Тој беше дециден дека никој во православниот свет нема проблем со тоа што МПЦ-ОА се повикува на Охридската архиепископија.
Тодоров рече дека улогата на Комисијата не е да решава политички прашања, туку да помогне кон подобро разбирање на минатото.
– Комисијата не мора да ги реши сите прашања. Ние не водиме историографски дебати и не решаваме проблеми во учебниците. Ако нема решение кое ќе води кон подобри односи меѓу двете држави, ако тоа решение предизвикува повеќе проблеми, најдобро да се прекине и да се оди на други теми – истакна Тодоров и додаде дека пред разговорите на темата за црквата разговарале со претставници на МПЦ-ОА, како и со професор историчар од Богословскиот факултет.
Ковачевски: Валидно е тоа што ќе го договорат сите 14 членови
Премиерот Димитар Ковачевски тврди дека не станува збор за дефинирање на статусот на Охридската архиепископија и дека едностраната изјава од бугарска страна е невалидна.
– Бугарската страна си дава изјави за себе. Тоа што е валидно е само кога историската Комисија со сите 14 членови ќе има консензуален став за кое било прашање. Сѐ друго се изјави коишто немаат никакво влијание врз финалниот резултат на работата на Комисијата, бидејќи таа работи независно и тоа беше целта. Со историјата да се занимаваат историчарите, а со политиката политичарите – порача Ковачевски.