Штипјани веќе два дена по ред не ја користат вода за пиење и готвење. Водата од системот за водоснабдување е само за техничка употреба.
Директорот на ЈП „Исар“, Трајче Здравков вели дека веќе втор ден експертите од Словенија работат на подесување на двата система за водоснабдување. Штип ќе може да се снабдува со вода за пиење од бунарскиот систем и од хидросистемот „Злетовица“.
На веб страницата на ЈП „Исар“ ќе бидат објавени локациите во населбите каде ќе има цистерни со вода за пиење и готвење. Здравков апелира граѓаните да имаат разбирање, бидејќи со подесување на системот, градот Штип во наредните децении ќе нема проблеми со водоснабдувањето, ниту пак со намален притисок на водата во високите зони.