Чадот од пожарот во Португалија стигна до Мадрид, дури 400 километри
Чадот од огромниот шумски пожар во централна Португалија во вторникот ги покри облакодерите „Четири кули“ во Мадрид оддалечени 400 километри, а жителите на шпанската престолнина се пожалија на силна смрдеа.
Пожарот, кој го опустоши португалскиот национален парк Сера да Естрела, избувна на 6 август и беше во голема мера локализиран до неделата, но повторно се разгоре во понеделникот, предизвикувајќи евакуација на неколку села.
Повеќе од 1.100 пожарникари поддржани од 13 авиони се борат со пожарот, кој веќе зафати повеќе од 17.000 хектари.
Сателитските снимки на НАСА покажуваат чад кој се протега од западниот дел на Пиринејскиот Полуостров на исток и надвор од Мадрид, каде службите за итни случаи мораа да им објаснат на граѓаните дека ништо не гори во близина.
Во источна Шпанија, пак, стотици пожарникари деноноќно се борат да ги стават под контрола двата шумски пожари во провинцијата Валенсија.
Делови од Пиринејскиот Полуостров се најсуви во последните 1.200 години поради климатските промени, покажа истражувањето објавено минатиот месец во списанието Nature Geoscience.
Јули беше најтоплиот месец забележан во Шпанија од најмалку 1961 година кога почнаа мерењата.
Шумските пожари зафатија повеќе од 270.000 хектари оваа година, што е многу повеќе од 15-годишниот просек од 70.000 хектари, според Европскиот информативен систем за шумски пожари.
Во Португалија, шумските пожари зафатија околу 85.000 хектари или речиси 1 процент од територијата, најмногу во ЕУ.