Хакер „се измолкнал“ со речиси 120.000 биткоини, кои се проценуваат на околу 5 милијарди долари. Парите биле украдени на берза во 2016 година, а дури сега се запленети и вратени назад од американското Министерство за правда. Ова е веројатно најголема заплена на украден биткоин во светот до сега, пишува Би-Би-Си. Две лица досега се уапсени.
Биткоините вределе само 71 милион долари кога биле „собрани“ од берзата БитФинекс, но за минатите 6 години нивната сума пораснала до неверојатни 5 милијарди. Помошникот јавен обвинител Кенет Полит Јуниор рече дека заплената е доказ дека владата „нема да дозволи криптовалутите да бидат безбедно засолниште за перење пари или зона на беззаконие во нашиот финансиски систем“.
Според претставници на Министерството за правда, хакерот ја пробил крипто-берзата БитФинекс, направил повеќе од 2.000 неовластени трансакции и потоа ги внел парите во дигитален паричник што наводно го водел Илја Лихтенштајн (34) од Њујорк.
Во кривичната пријава се тврди дека господинот Лихтенштајн и неговата сопруга Хедер Морган (31) испрале околу 25.000 од украдените биткоини преку различни сметки во текот на изминатите пет години и користеле различни методи за да ги прикријат своите траги, од лажни идентитети до претворање на нивниот биткоин во други дигитални валути.
Во истрагата беа вклучени четири американски гради, но и истражители од градот Ансбах во Германија. Се јавија и од берзата БитФинекс. Тие се „задоволни“ што украдените средства се обновени. Сопружниците Лихтенштајн и Морган, како и да се нивните вистински имиња, вчера за првпат се појавија пред судот во САД поради заговор за измама и за перење пари.
Доколку бидат прогласени за виновни, тие би можеле да одлежат до 25 години затвор. Украдените биткоини биле запленети од Националниот тим за спроведување на законот за криптовалути во Министерството за правда.
Тимот инаку заплени околу 2,3 милиони долари во криптовалута минатата година, враќајќи го откупот што го плати компанијата Colonial Pipeline на хакери-рекетари кои извршиле сајбер-напад.