Европската унија го подготвува деветтиот пакет санкции против Русија, како одговор на нападот на Москва врз Украина, изјави денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
– Работиме напорно на тоа да ја удриме Русија онаму каде што ја боли, за дополнително да ја намалиме нејзината способност да води војна против Украина и денес можам да објавам дека работиме со полна пареа на деветтиот пакет санкции – рече Фон дер Лајен за време на посетата на Финска.
Таа изрази уверување дека многу брзо ќе биде одобрено глобалното ограничување на цената на руската нафта со Г7 и другите големи партнери.
– Нема да се смириме додека Украина не ја однесе победата над Путин во неговата варварска војна – рече претседателката на ЕК.