НАТО е подготвен да ѝ ја пружа својата поддршка на Украина во војната против Русија со години, а тоа вклучува и помош за Киев да се префрли од старото советско на модерно западно оружје, изјави Јенс Столтенберг, генсекот на Алијансата, пренесува Ројтерс.
– Треба да бидеме подготвени на долг рок. Постои апсолутно можност оваа војна да се одолговлекува и да трае со месеци и години – рече Столтенберг на младинскиот самит во Брисел.
Оваа негова изјава доаѓа по предупредувањата на Кремљ дека вооружувањето на Украина од страна на Западот се закана за европскиот континент.
– Сојузниците на НАТО се подготвуваат да обезбедат поддршка во долг временски период и исто така да ѝ помогнат на Украина да транзитира, да премине од старата опрема од советската ера кон помодерни оружја и системи според НАТО стандардите за кои исто така ќе биде потребна поголема обука – рече Столтенберг.
Шефот на НАТО рече дека Западот ќе продолжи да врши максимален притисок врз рускиот претседател Владимир Путин да стави крај на окупацијата на Украина, која Москва ја нарекува „специјална воена операција“, преку санкции и економска, како и воена помош за Киев.
Поголемиот дел од тешкото оружје што земјите од НАТО ѝ го испратија на Украина досега е оружје од советско производство. Сепак, САД и некои други сојузници почнаа да го снабдуваат Киев со западни хаубици.
Германија во вторникот објави испорака на тенкови „Гепард“ опремени со противвоздушни пушки во Украина, што е првпат Берлин да одобри испорака на тешко оружје за Киев.
Молбите на Украина за тешко вооружување се интензивираа откако Москва ја префрли својата офанзива кон Донбас, источен регион со главно рамен, отворен терен кој се смета дека е подобро погоден за битки со тенкови отколку областите на север околу главниот град Киев, каде што се водеа голем дел од претходните борби.