Користејќи сателитски снимки пред и по војната, ОН го документираа оштетувањето или целосното уништување на 207 културни споменици во Украина разурната од војна.
– Податоците се собираат на специјално креирана онлајн платформа, која првично ќе биде достапна само за експертите, но наскоро ќе биде отворена за јавноста – изјави во Женева Криста Пикат од образовната и културната организација на ОН – УНЕСКО.
Седум споменици на списокот на светско наследство на УНЕСКО досега не се оштетени, посочи таа.
– Други згради, како што е Драмскиот театар во Мариупол, ја немаа истата судбина. Стотици цивили побараа засолниште таму веднаш по почетокот на војната во март – рече Пикат.
Руските бомби уништија поголем дел од зградата на 16 март.
УНЕСКО ги оценуваше сателитските снимки направени од 9 март до 12 мај.
Потврдени се штети на 88 верски објекти, 15 музеи, 76 објекти од историско или уметничко значење, 18 споменици и 10 библиотеки.
УНЕСКО притоа соработуваше со Женевскиот сателитски центар на Обединетите нации (УНОСАТ).
Кога УНЕСКО ќе добие информации за штетата, УНОСАТ купува сателитски снимки од комерцијални добавувачи направени што е можно порано пред и по уништувањето.
Според УНОСАТ, таквите снимки чинат меѓу 250 и повеќе од 1.000 евра, во зависност од тоа како се добиени.
Експертите ги обработуваат сателитските снимки за да го утврдат точното уништување.
– Тие се користат за документирање на времето и степенот на уништување и, меѓу другото, за развој на планови за обновување – рече Пикат.