Рускиот претседател Владимир Путин го откажал нападот врз фабриката за челик Азовстал во Мариупол, пренесува руската агенција ТАСС.
– Главниот командант издаде наредба за откажување на нападот. Нема напади, сите го гледаме тоа. Ескалации се случуваат кога екстремистите излегуваат и се обидуваат да заземат огнена позиција, но ние ги неутрализираме таквите обиди многу брзо – изјавил портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Претходно пред јавноста се обрати и градоначалникот на Мариупол, Вадим Бојченко кој рече дека во зоната на челичарницата „Азовстал“ се водат жестоки борби. Тој додаде дека Киев изгубил контакт со украинските борци кои биле заробени во објектот кој се смета за последно упориште во градот Мариупол, пренесува Ројтерс.
Да потсетиме, денеска рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу изјави дека руската армија ја презела контролата над Мариупол.