Четири експлозии се слушнале во Киев, во станбена зона во близина на центарот на градот каде што избувнал пожар и извирал густ сив чад, јави новинската агенција Франс прес. Неколку експлозии одекнаа во неделата наутро во областа Шевченковски во главниот град на Украина, Киев, изјави градоначалникот Виталиј Кличко за Telegram.
Засега нема информации за причините за експлозијата или за жртвите.
„На местото на настанот се испратени екипи на брза помош и спасувачи. Подетални информации – подоцна“, изјави Кличко.
„Се спасуваат и се евакуираат жителите од двете згради.
Градоначалникот на Киев додаде дека некои жители останале заробени под урнатините, а две лица се хоспитализирани.
Седумгодишно девојче е спасено од урнатините на станбена зграда, а нејзината мајка се спасува, објави Кличко.
Тоа е историска област, една од централните во Киев, која е дом на голем број универзитети, ресторани и уметнички галерии.
АФП објави дека експлозиите се случиле околу 6.30 часот по локално време, половина час откако се огласиле сирените за воздушен напад во главниот град, кој речиси три недели не бил под руско бомбардирање, пренесува Гардијан.