Украина разбира дека вратата за членство во НАТО не е отворена и затоа предлага да се брани на друг начин доколку и се дадат безбедносни гаранции, изјави денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски.
– Украина не е членка на НАТО. Ние го разбираме тоа. Слушавме со години дека вратите се отворени, но слушнавме и дека не можеме да се приклучиме. Тоа е вистина и мора да се признае – рече Зеленски.
– Ако не можеме да поминеме низ отворената врата, треба да работиме со организации кои можеме, кои ќе ни помогнат, ќе не заштитат… и ќе добиеме некои гаранции – нагласи Зеленски во видео порака.
– Сите ние сме мета на Русија и затоа сè ќе оди против Европа ако Украина не издржи, па би сакал да си помогнете себеси помагајќи ни нам – порача Зеленски.
– Даваме сè од себе да набавиме млазни ловци и ракетни одбранбени системи“ кои ѝ се неопходни на земјата – додаде украинскиот претседател.
– Сакаме да има сигурни гаранции за нас, а со тоа и за вас – кажа тој на конференцијата во Лондон, чиј домаќин беше британскиот премиер Борис Џонсон.
Присуствуваа и лидерите на Данска, Финска, Естонија, Исланд, Летонија, Литванија, Холандија, Шведска и Норвешка.
– Сè уште можеме да го сопреме убивањето на луѓето и тоа е нешто што можеме да го направиме заедно – да го сопреме уништувањето на демократијата – направете го тоа сега во нашата земја или тоа ќе дојде и кај вас – предупреди Зеленски.
Во својот апел за помош, тој додаде дека руските пропагандисти „постојано зборуваат дека војната во Украина е само почетокот, а спомнуваат многумина од вас кои сега ме слушаат, ќе дојдат и кај вас“.