Претседателот Владимир Путин и нареди на Федералната служба за безбедност (ФСБ) да го засили надзорот на руското општество и границите на земјата за да ги спречи ризиците однадвор и дејствијата на домашните предавници, објави во вторникот Ројтерс.
Во говорот по повод Денот на безбедносните служби, кој масовно се слави во Русија, Путин рече дека „појавата на нови закани“ значи потреба од зголемена разузнавачка активност. „Мораме да ги зајакнеме активностите на граничните служби и ФСБ. Секој обид за кршење (границата) мора брзо и ефикасно да се спречи со сите сили и средства што ни се на располагање, вклучително и мобилните единици и специјалните сили“, рече Путин.
Рускиот претседател и наложи на ФСБ максимално да го искористи својот оперативен, технички и човечки потенцијал со цел строго да го контролира општеството.
Тој исто така побара од контраразузнавачките служби, вклучително и воената разузнавачка служба, да бидат повнимателни. „Потребно е одлучно да се спречат активностите на странските служби, брзо да се идентификуваат предавниците, шпиони и саботери“, рече Путин.
ФСБ, на чело со блискиот соработник на Путин, Александар Бортников, ќе го интензивира надзорот на масовните собири, стратешките објекти и енергетската инфраструктура.
Признавајќи дека инвазијата на Украина не се одвива без проблеми, Путин рече дека ситуацијата во анектираните украински области е „исклучително тешка“ и побара од ФСБ да ја обезбеди безбедноста на луѓето таму, нивните права и слободи, ветувајќи „модерно оружје и опрема. ”
Засега не се гледа крај на руската 10-месечна инвазија на Украина, започната, како што тврди Москва, со цел „деназификација и демилитаризација“ на соседната земја.