Американскиот претседател Џо Бајден нема да испраќа војници во Украина за да ги спасат Американците кои таму престојуваат, а наместо тоа, Стејт департментот ги повика сите граѓани на САД веднаш да заминат, пишува Би-Би-Си. Ова вчера за Ен-Би-Си го потврди самиот Бајден:
– Американските граѓани треба да си заминат сега. Имаме работа со една од најголемите армии во светот. Ситуацијата е многу поинаква и работите може брзо да „полудат“ – изјави Бајден.
Запрашан дали постои сценарио кое би можело да го натера да испрати војници за да ги спасат Американците кои бегаат, тој одговори:
– Нема. Тоа е светска војна ако Американците и Русија почнуваат да пукаат еден на друг. Се наоѓаме во многу поинаков свет од тоа што некогаш беше.
Во меѓувреме, Москва негира каква било окупација, но активно вежба и прави заеднички воени маневри со Белорусија. Од другата страна на границата, близу Чернобил вежбаат и Украинците со она што го имаат. Турски дронови „Бајрактар“ и балистички ракети со краток дострел. Вкупниот број на руски војници околу Украина надминува 100.000.
Британскиот премиер Борис Џонсон во четвртокот рече дека Европа се соочи со најголемата безбедносна криза во последните децении. На прашањето дали неговата земја ќе обезбеди повеќе воена помош на Украина, Џонсон рече дека „ќе размисли што повеќе можеме да понудиме“.