Основниот суд – Велес и Апелациониот суд – Скопје, со нивните пресуди против поранешниот претседател на Основниот Кривичен суд – Скопје, Владимир Панчевски сториле повреда на слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесува на забраната на дискриминација на граѓаните по основ на социјалната припадност, се вели во Барањето за заштита на слободиte и права на Владимир Панечевски, доставено до Уставниот суд.
Ова Барање е една од точките на дневниот ред на утрешната седница на Уставен суд.
Меѓу другото, од Уставен суд информираат дека подносителот на Барањето наведува дека бил дискриминиран во споредба со сите останати судии и претседатели на судови, затоа што за разлика од нив само тој не ги уживал уставно и законски загарантираните права кои ги имале носителите на судиски функции.
– Според подносителот на Барањето, оттука произлегувала дискриминаторската природа на теоријата на случај на Јавното обвинителство, која била прифатена од Основниот суд во Велес и Апелациониот суд во Скопје и резултирало со носење на актите коишто се оспоруваат. Според подносителот на Барањето, со оспорените акти, била сторена повреда покрај на член 110 алинеја 3 и на членот 9 од Уставот, како и на член 6 став 1 и членот 14 од Европската конвенција за заштита на човековите права, инфомираат од Уставен суд на Република Северна Македонија.