Руската агресија, исфрлањето на Русија од Организацијата Совет на Европа и активностите што треба да се преземаат за солидизирање со Украина, украинскиот народ, биле темите што доминирале на разговорите на министерската сесија на Комитетот на министри на Советот на Европа во Торино, изјави во видеообраќање министерот за надворешни работи Бујар Османи.
– Од наш домашен аспект, се разбира дека беше претставена нашата успешна приказна како функционална мултиетнична демократија со највисок степен на човекови права на етнички и права на заедниците, и се разбира на индивидуалните човекови права. А во однос на мултилатерализмот, се разговараше за соработката помеѓу различните меѓународни организации, во овој случај нашето претседавање со ОБСЕ биде во блиска координација со Советот на Европа, се разбира и со ЕУ – нагласи шефот на дипломатијата.
Османи, на маргините на состанокот оствари билатерлани средби со министрите за надворешни работи на Грузија, Илиа Дарчиашвили, на Азербејџан, Џејхун Бајрамов, Ерменија, Арарат Мирзојан, Република Молдавија, Нику Попеску и првата заменичка министерка за надворешни работи на Украина, Емине Џафарова.
„Фокусот беше на претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ во 2023 година, безбедносната состојба во ОБСЕ регионот, како и нарушената безбедносна архитектура во Европа. Беа разменети мислења и за ситуацијата во Украина после руската воена агресија, и искористувањето на механизмите на Советот на Европа за одговорност за кршењето на човековите права. Беше потенцирана и важноста на ЕУ перспективата како за земјите од Западен Балкан така и за тие од Источното партнерство“, соопштија денеска од МНР.
Министерот Османи укажал дека како дел од триото претседавачи со ОБСЕ оваа година и иден претседавач во 2023 година, Македонија силно се залага за зачувување на основните принципи и вредности на Организацијата, како што се почитувањето на суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на земјите учеснички на ОБСЕ.
Биле разменети мислења и за соработката во рамки на Советот на Европа како главен форум за човекови права, демократија и владеење на правото.