Министерот за надворешни работи, Бујар Османи во вчерашното гостување во емисијата „10 минути“ откри дека спорниот елемент во францускиот предлог е ставен во заграда, што значи дека тој не е конечен предлог на Париз.
– Ставен е во заграда, што значи дека тоа не е конечен предлог на Париз. Не можам да кажам дека документот не го прифативме. Ние не го прифативме тој дел кој што е спорен за нас. Не можевме да се договориме со Бугарија, иако јас мислам дека тоа многу лесно може да се реши доколку има политичка волја – изјави Османи.
Османи зборуваше и за записникот од меѓувладината конференција на Македонија и Бугарија по потпишувањето на Договорот за добрососедство.
– Тие записници се викаат протоколи. Еден протокол потпишал мојот претходник, вториот не е усогласен. Ги знам аргументите, штом Договорот е внатре во рамката, а ги опфаќа сите одредби во него, што е спорно да се спомнува? Ја разбирам логиката дека нема правни последици од тоа дали ќе се спомене или не, бидејќи Бугарија ако сака да спречи, ќе најде милион аргументи и да се во рамката или не, за да ги искористи – додаде министерот.