Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ) останува на барањето да се замрзнат цените на производите, а не на маржите.
Од март годинава тие постојано добиваат претставки од граѓаните за супермаркетите, реакции на цените, но и на квалитетот на производите кои се во фрижидерите.
Претседателката на ОПМ, Маријана Лончар-Велкова вели дека секојдневно се на терен и инспекциите, кои утврдуваат дали трговците за да ги намалат сметките за струја ги исклучуваат фрижидерите.
– Луѓето реагираат на тоа. Купиле производ, па го сликаат дека е расипан. Сега, дали баш поради тоа е расипан не можеме ние да утврдиме, меѓутоа инспекторите може да бидат на терен, дури и рано сабајле да видат дали ладилниците се вклучени или не. Бидејќи може навечер или во текот на денот да ги исклучуваат – вели Лончар-Велкова.
Таа посочи дека во зимскиот период очекуваат да се зголеми бројот на претставки поврзани со сметките за струја. Изминатиот период реакциите се околу цената на трансмисија на струјата, која најмногу ги буни граѓаните. Имаат и реакции од граѓаните и за цената на огревното дрво, кое дефинитивно не се продава за 3.000 до 3.500 денари.
– Луѓето не можат да ги најдат тие дрва по 3000 денари. И јас лично барав, не можев да ги најдам. И кога правевме истражување пак не најдовме. Сега ќе мора да купат помалку од потребното, за дополнително не го оптеретат буџетот. Таква цена од 3000 до 3500 денари нема – вели Лончар-Велкова.
Таа забележа дека треба да има и субвенции, но и поволни кредити за граѓаните кои купуваат инвертор клими и се залагаат за заштита на животна средина.
Пред 10 дена министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини рече дека според регулативата на ЈП „Национални шуми“ цената за еден кубен метар дрва за огрев е 3.000 денари и дека ќе ги провери информациите дека граѓаните плаќаат над 4.500 денари за кубен метар.
– Ние ја отворивме оваа тема на минатата владина седница. Во правилникот пишува 3.000 денари. Зошто се продава со вакви цени во приватниот сектор очекуваме да добиеме информација од Инспекторатот – посочи министерот пред 10 дена.