Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата денеска достави барање до Собранието за одржување итна седница на која ќе се разгледува Предлог-законот кој го поднесовме, а кој се однесува на Законот за енергетика, истакна координаторот на пратеничката група на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
По вчерашната прес-конференција на премиерот Димитар Ковачевски, додаде тој, видовме дека Владата едноставно препишала делови од предлог-мерките коишто ние како ВМРО-ДПМНЕ ги понудивме, но сметаме дека она што Ковачевски го презентираше не е доволно.
– Во мерките коишто Ковачевски ги презентираше слушнавме дека ќе добиваат поевтина електрична енергија образовните и јавните здравствени установи, но случајно или не, ги изостави водостопанските и комуналните претпријатија коишто поради високите цени на електрична енергија имаат проблеми со ликвидноста што во следниот период може да доведе до повисоки сметки за домаќинствата и стопанството. Како одговорна партија бараме целосно, а не парцијално прифаќање на нашиот предлог. Со предлог-законот за енергетика којшто ВМРО-ДПМНЕ го поднесе во самиот текст опфатени се и водоводните и комунални претпријатија коишто имаат огромни трошоци за електрична енергија. Ако СДСМ и Ковачевски навистина се грижат, еве нека го поддржат нашиот Закон за енергетика. Со тоа ќе покажат дека се грижат за граѓаните и за стопанството. Во нашиот предлог закон покрај училиштата и здравствените уставови опфатени се и водостопанските и комуналните претпријатија. Со тоа директно ќе им олесниме на граѓаните и стопанството да не доаѓа до поскапување на услугите поврзани водоснабдувањето. Ајде прво да ги изгласаме овие измени на законот, па потоа да ги изгласаме и задолжувањето кај ЕБОР и сите оние конфузни предлог мерки кои што ги слушнавме во текот на вчерашниот ден – рече Мицевски.