Украинската војска негираше дека гранатирала пограничен објект што го користи руската Федерална служба за безбедност (ФСБ), нарекувајќи го тврдењето на Москва „лажни вести“.
– Не можеме да ги спречиме да ги произведуваат овие лажни вести, но секогаш нагласуваме дека не пукаме во цивилна инфраструктура, или на некоја територија во Ростовската област или што било друго – изјави портпаролот на украинската војска Павло Ковалчук.
Украина не е сведок на повлекување на руските сили од позиции блиску до украинската граница, изјави денеска министерот за одбрана Олексеј Резников.
– Ги набљудуваме руските трупи, кои денес бројат речиси 127.000 припадници на копнените сили, а заедно со воената морнарица и воено-воздухопловните сили изнесуваат околу 147.000 – истакна Резников.
Според него, „не се забележува повлекување и не станува збор за намалување на бројот, бидејќи единиците може брзо да се вратат на претходните позиции или да се префрлат во друга област“.
Украинското Министерство за одбрана соопшти многу слични бројки минатата недела.