Најмалку седум руски авиони се уништени во експлозии на Крим во вторникот, покажаа сателитски снимки.
Си-Ен-Ен објави дека ова би можело да биде најголемата еднодневна загуба на руски воени авиони од Втората светска војна.
„Уништените воени авиони се чини дека се бомбардери Су-24 и повеќенаменски ловци Су-30“, рече Питер Лејтон, соработник на Институтот Грифит Азија и поранешен пилот на австралиските воздухопловни сили.
Тој додаде дека во нападот биле оштетени уште два воени авиони. Во дневниот извештај за руските воени загуби, украинските вооружени сили во средата соопштија дека се уништени дополнителни девет авиони.
Видеото на социјалните мрежи, потврдено и геолокацирано од Си-Ен-Ен, покажува чад што се издига од базата пред да биде потресен од три големи, огнени експлозии. Две експлозии се случија речиси истовремено, а третата веднаш потоа.
Сателитските фотографии покажуваат и дека експлозиите изгореле дел од вегетацијата околу дел од воздушната база.
Елиот Хигинс, основач и креативен директор на Bellingcat (истражувачка новинарска група со седиште во Холандија, специјализирана за проверка на факти и разузнавање), сподели сателитски снимки на Твитер на кои е прикажана руска воена база пред и по нападот.
Руското Министерство за одбрана на 9 август објави дека муницијата во магацинот била активирана поради невнимание, а не како резултат на напад, додавајќи дека ниту еден авион не бил оштетен.
Сепак, сателитски снимки ги потврдија извештаите на украинските воздухопловни сили дека се уништени неколку авиони, што е спротивно на руските тврдења дека експлозиите не уништиле ниту еден авион.