Норвешка, земја-членка на НАТО која граничи со Русија, нарачала нови залихи на муниција, односно артилериски гранати за 2,6 милијарди круни (243 милиони евра), соопшти локалната власт.
Министерството за одбрана на Норвешка постигна договор со националниот производител на муниција Намо, кој ќе може да го зголеми својот производствен капацитет благодарение на овој голем договор.
„Постои нова геополитичка ситуација. Во Европа има војна и нивото на подготвеност е подигнато“, изјави за новинарите норвешкиот министер за одбрана Бјорн Арилд Грам.
Според него, таквата ситуација создава потреба Норвешка да има повеќе воена опрема, вклучително и муниција.
Норвешкиот министер рече дека и другите земји треба да ги зголемат залихите бидејќи и Украина има голема потреба од воена опрема.
Норвешка, која дели 98-километарска граница со Русија, во неколку наврати и даваше на Украина воена опрема, вклучително и артилерија и муниција, за одбрана од руска инвазија.