Министерството за животна средина и просторно планирање, Град Скопје и Општина Сарај по две ипол години се усогласија за управувањето со Матка. На 17 октомври ќе се расправа за нацрт-законот за Матка, со што ќе биде прогласена за заштитена зона и ќе биде направен план за нејзино управување.
– За жал, траеше подолго од тоа што сакавме, но сега имаме позитивно мислење и од Град Скопје и од Сарај. Ќе има план за управување со Матка. Ќе имаме јавна расправа во која зона што ќе биде можно, исто така како што имаме во националните паркови – појасни денеска на средба со новинарите министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини и упати барање до надлежните институции да најдат решение за дивите градби на Матка.
Повеќе од две децении се води расправа за тоа кој ќе управува со локалитетот Матка. Во меѓувреме, оваа туристичка атракција е оставена без никакви позначајни инвестиции и во урбан хаос.