Промени мора да има. Оваа битка ја водам и за вас и за вашата поддршка секојдневно копнеам. Поддршката ќе заврши со промената на оваа власт, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на вечерашниот протест пред Владата.
– Големата поддршка значи промена на оваа разуздана и предавничка власт и на премиерот кој се смее дека оваа преубава земја била Западна Бугарија. Нека знае дека за мене и за вас била и ќе остане нашата мила мајка Македонија – рече Мицкоски на протестот што се одржува под мотото „Премногу е“.
Нагласи дека народот денеска доаѓа да си го земе тоа што му припаѓа, а тоа, како што рече, е слободата.
– Тука сме собрани оваа вечер илјадници со име со чест со гордост и волја која мора да донесе промени. Од денеска, па натаму вашиот глас ќе татни низ градовите и селата на Македонија. Како громогласно ехо тргнуваме да ја освоиме победата која ни припаѓа – рече Мицкоски и додаде дека вечерва се случува народ.
Порача дека народот секојдневно осиромашува поради неодговорната власт.
– Власта удри по стандардот, по земјоделството, по економијата,.. по се. Булеварите секојдневно се полнат со луѓе кои просат затоа што изгубиле речиси се. Гладот не знае за вера или нација. Реалноста е тешка и мачна. Денеска сум овде пред вас и ветувам дека нема да разочарам. Тие ги имаат институциите, а јас заедно со вас го имам народот. Ви благодарам што се одваживте да дојдете. Ви благодарам што независно од сите закани, притисоци и уцени од власта, вие стоите овде до мене за заедно да ги менуваме работите на подобро – им порача Мицкоски на присутните.
Истакна дека во својот живот памети два собира на кои се собрал толку многу народ. Тоа, како што кажа, е собирот на 8 септември 1991 година и овој што се случува денес.
– Доколку 8 септември беше собир на надеж, овој е на разочарувањата особено во последните пет години. На многумина им е прекипено од разочараноста и велат доста е. Народот сака борба и сака да се избори за својата Македонија. И тогаш и сега заедничка е борбата за Македонија. Јас сум тука затоа што ќе се бориме, бидејќи другиот избор е Македонија да не постои. Со секој ден на власт на СДСМ и ДУИ сме поблиску да ја нема. Или ќе се бориме или ќе ја нема Македонија – потенцира Мицкоски и додаде дека е неопходна општествена поддршка за обединување и создавање на силни луѓе кои носат подобри времиња.