Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, рече дека пратениците на партијата и понатаму продолжуваат да го блокираат во Собранието, за сето она кое не се однесува на граѓаните, а тоа се повисоки плати, субвенции, повисоки пензии.
– Ќе продолжиме сето тоа да го блокираме бидејќи огромно мнозинство од граѓаните во Република Македонија мислат дека оваа влада треба да замине и дека Македонија се движи во погрешна насока како број 1, и како број 2 Ковачевски и оваа влада упорно бегаат да седнеме на маса да преговараме за дата за предвремени парламентарни избори, но и за сите актуелни прашања кои што народот ги живее секојдневно а тоа се економската криза, финансиската криза, проблемите во образованието, во здравството итн. Така што, можам да кажам дека продолжуваме во рамките на Парламентот со оваа активна блокада и со организација на големиот масовен собир бидејќи молчењето не е опција. Навистина е премногу ова што го живееме еве речиси пет години, на 1-ви јуни ќе изминат пет години откако беше првата влада на Заев избрана, навистина е премногу и затоа велиме дека треба да излеземе масовно на тој голем граѓански протестен собир на 18-ти јуни и да упатиме една порака која силно ќе одекне и која практично ќе има една цел да покаже дека време на оваа влада одамна измина, народот нема веќе верба, дека оваа влада може било што да стори и дека е време за предвремени парламентарни избори со една нова влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ која ќе може да ја води Македонија напред преку патот на реформи и за подобра иднина на сите граѓани – потенцираше Мицкоски.
За изјавата на премиерот Димитар Ковачевски дека е постигнат историски договор со СОНК во однос на платите, претседателот Мицкоски потенцираше дека за него единствено историски белег од овие преговори ќе останат уцените, заканите, омаловажувањата и понижувањата од страна на владата кон просветните работници.
– Покачувањето по мене е минимално и не е она кое што го бараше синдикатот и просветните работници – изјави Мицкоски.
Тој дополни дека со доаѓање на власт на ВМРО-ДПМНЕ, сериозно ќе се работи за исполнување на обврските од Колективниот договор за покачување на платите на просветните работни и работниците во детските градинки.
Тој денеска ја посети Општина Ресен, а притоа ја повика владата да го зголеми вложувањето и да ги зголеми напорите за спас на Преспанското Езеро.