Кошаркарската репрезентација на Македонија имаше гостување за заборав кај Шпанија, затоа што доживеа висок пораз (80-44) во салата во Сарагоза во последниот меч на гостински терен во квалификациите за Светското првенство (СП) кое се игра во 2023 година.
„Фуријата“ на Скариоло иако комбинирана, сепак, ја оддува Македонија и тоа со леснотија. Ова беше втора победа на Шпанија над нашиот национален тим во меѓусебните пресметки и за избраниците на Бајиќ кои повторно не се во комплетен состав следи уште еден натпревар, на домашен терен, против Украина.
Околу натпреварот, Македонија имаше сила да парира само десет минути. Во воведниот период гледавме една добра и агресивна игра, а исто така солиден беше и шутот за три од наша страна. Шпанците немаа промашување за два (8/8) во првите 10 минути, меѓутоа три тројки, две на Теодор Симиќ и една на Кристијан Николов, ја задржаа Македонија во егал (19-17). Хаиме Фернаднез беше клучна фигура кај Шпанија, кај Македонија исто се истакна и Мекиќ со добрите продори.
Но, како тоа да беше се од нашите кошаркари. По првата добра четвртина, следеше потоп во Сарагоза. Шпанија влезе во неверојатен шутерски ритам, ја задржа Македонија на само шест постигнати поени во вториот период, доволно за на паузата да има неверојатни 22 поени предност (45-23). По третиот квартал на семафорот стоеше +31 за Шпанците (62-31) и веќе беше јасно кој е победникот на овој натпревар.
Себастијан Сајц беше најдобар кај Шпанците со 19 поени, пред Џонатан Бариеро со 11 поени, додека Јанкуба Сима реализира десет. Кај Македонија, повратникот Андреј Јакимовски успеа да даде 14 поени, пред Кристијан Николов и Бојан Крстевски со по седум постигнати поени, а Теодор Симиќ заврши со шест.