Левица ќе му го направи ќефот на собранискиот спикер Талат Џафери и согласно неговите забелешки ќе ја корегира веќе поднесената иницијатива за референдум, но доколку и таа корегирана верзија биде одбиена, тогаш Собранието ќе се соочи со целосна блокада.
Ова го најави лидерот на Левица, Димитар Апасиев, кој истакна дека враќањето на веќе поднесената иницијатива е само едно обично губење време, бидејќи, како што рече, неговата партија повторно ќе ја поднесе корегираната верзија, чие евентуално отфрлање ќе предизвика парализа на целиот Парламент.
Прашање е колкава поддршка ќе добиеме од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи со нивните ресурси многу поефикасна би била блокадата.
Но, прашањето што сега се поставува е како Левица планира да ја изведе целосната блокада на Собранието, со оглед на фактот дека има само двајца пратеници, додека, пак, владиното мнозинство брои 64? Дали можеби планира да ги здружи силите со најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, која и во моментов, среде економска и енергетска криза, блокира над педесетина закони во Парламентот и не дозволува да се изгласаат.
Јована Мојсоска, член на президиумот на Левица, во разговор со Плусинфо вели дека евентуалното отфрлање на корегираната иницијатива за референдум ќе ја натера партијата да почне да не бира средства како да ја закочи работата на Собранието.
Таа не ја отфрла евентуалната поддршка што би ја добила Левица од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кога ќе дојде ред да се парализира Парламентот.
– Ова нема да биде првпат Левица да го блокира Собранието. Ако се сеќавате, кога спикерот Талат Џафери насилнички го донесе Законот за државјанство, тогаш Левица поднесе околу 1.000 амандмани, кои, сепак, на крајот завршија во корпа за отпадоци и власта успеа да го прошверцува законот со европско знаменце. Тогаш нашите двајца пратеници блокираа околу 15 закони кои и до ден-денеска се блокирани. Дел беа блокирани со непрекинато зборување на комисии, дел со филибастеринг, односно со поднесување амандмани. Нешто слично ќе се повтори и овојпат доколку Џафери ја отфрли корегираната верзија на иницијативата за референдум. Ќе ги употребиме сите можни средства што ни стојат на располагање – филибастеринг со зборување, филибастеринг со амандмани, па ако треба и физички ќе ги спречиме пратениците од власта да влезат во Парламентот. Сега се поставува и прашањето колкава поддршка ќе добиеме од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи со нивните ресурси многу поефикасна би била блокадата. Но, ние овојпат зборуваме за целосна блокада, ниту еден закон да не може да биде изгласан, а не зборуваме за обично одолговлекување, нешто што досега го правеше партијата на Христијан Мицкоски – објаснува Мојсоска.
Став побаравме и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, но оттаму ни одговорија дека засега немаат донесено официјален заклучок како би делувале кога и по вторпат би била одбиена иницијативата за референдум поднесена од Левица.
– Засега нема ништо официјално. Точно е дека се водат некакви разговори внатре во партијата, но не е донесена никаква одлука – велат од ВМРО-ДПМНЕ за Плусинфо.
Претседателот на Собранието Талат Џафери синоќа преку соопштение го објави својот став дека барањето за одржување референдум поднесено од политичката партија Левица не е подготвено во согласност со собранискиот Деловник, а прашањето е несоодветно поставено, и побара во предвидениот рок од 15 дена предлагачот да го усогласи барањето со одредбите од Деловникот на Собранието.
Левица на 7 октомври до Собранието поднесе иницијатива за покренување задолжителен и дополнителен референдум на државно ниво на референдумско прашање „Дали сте за продолжување на преговорите со ЕУ со прифаќање на собраниските заклучоци од 16 јули 2022 година?“.