Многумина во Германија мораат да го затегнат ременот. Но, не сите. Не се малку оние кои имаат доволно пари и покрај последиците од војната во Украина и драстичното зголемување на цените на енергијата и храната. Индустријата за луксузни производи профитира од ова.
Поради драматичното зголемување на цените, се повеќе луѓе во Германија имаат проблеми и мора да го гледаат секое евро. Се заштедува и на храна, а особено на трошоци за луксузна стока како накит или дизајнерска облека.
Значи, дали тоа влијае на сите луѓе? Не навистина. Војната во Украина и галопирачката инфлација се чини дека засега не можат да го загрозат пазарот на луксузни стоки. Продажбата на луксузни производи цвета.
Герд Милер-Томкинс од Германскиот моден институт (DMI) забележува дека постои „екстремна поларизација“ на пазарот кога станува збор за модата. „За некои е „колку поскапо толку подобро“, а за други „колку поевтино толку подобро“. Но, средината исчезнува“, изјави неодамна на модниот саем во Дизелдорф.
И Аксел Аугустин од Здружението на трговци со текстил (БТЕ) вели дека продавниците ориентирани кон побогати клиенти моментално работат многу подобро од конкуренцијата. Има многу луѓе кои и сега не мора да си ги гледаат парите.
Синџирите за продажба на електронски уреди како „Медиа Маркт“ и „Сатурн“ се жалат и дека клиентите генерално се помалку подготвени за нови набавки, но забележуваат значителни разлики во зависност од цената. „Неподготвеноста за купување влијае на долниот и средниот сегмент на производот“, вели финансискиот директор Флоријан Визер. Од друга страна, „премиум сегментот“ продолжува позитивно да се развива.
Досега, индустријата за луксузни стоки во голема мера беше имуна на проблемите предизвикани од пандемијата, војната во Украина и инфлацијата.
Концерните за луксузни стоки како што се LVMH (Louis Vuitton Moet Hennessy), Kering (Gucci, Yves Saint Laurent, Balenciaga), Hermes и Prada дури забележаа висок раст на продажбата во првата половина од оваа година. Бизнисот беше особено добар во Европа и САД. LVMH соопшти дека заработката од нејзините модни брендови како Луј Витон, Диор и Фенди достигна ново рекордно ниво. И продажбата на шампањ, коњак и луксузни часовници исто така помина многу добро.
Продажбата на тој концерн во првите шест месеци годинава е зголемена за 28 отсто, односно на речиси 37 милијарди евра. Оперативната добивка е зголемена за 34 отсто, т.е. на повеќе од десет милијарди евра. Конкурентите како Керинг, Хермес и Прада, исто така, забележаа двоцифрен раст во продажбата и профитот.
Кризата со корона и донесе на индустријата за луксузни стоки најголемиот пад во историјата во 2020 година – но тоа беше прилично краток одмор. Според студијата на консултантската компанија Bain, глобалниот пазар на луксузни стоки како облека и накит во 2021 година го надмина нивото пред корона и изнесува 288 милијарди евра. Во моментов, се чини дека тој нагорен тренд не може да се прекине наскоро.
„Руската војна против Украина и поврзаната висока стапка на инфлација и економската криза досега немаа речиси никакво влијание врз луксузните брендови“, велат експертите на Bain во нивната студија спроведена заедно со италијанското здружение за луксузни стоки Fondazione Altagamma.
„Индустријата за луксузни стоки повторно покажува високо ниво на отпорност во кризи“, рече Мари-Терезе Марек, аналитичар во таа консултантска компанија. Таа проценува дека оваа година вкупниот промет на индустријата за луксузни стоки дури може да се зголеми на 320 до 330 милијарди евра – и покрај војната во Украина и инфлацијата.