More

    Интерпелација за спикерот е само почеток на опозициската радикализација

    spot_img

    Не поминаа ни три месеци од последната интерпелација од којашто едвај куртули претседателот на Собранието, Талат Џафери, а сега повторно иста таква опасност за изгласување недоверба му надвиснува над главата како црн облак.

    Во јавноста кружат гласини дека опозицијата сериозно размислува да поднесе нова интерпелација против собранискиот спикер, особено откако тој ја отфрли иницијативата за референдум поднесена од ВМРО-ДПМНЕ и откако на некој начин ја повтори истата работа поради којашто му беше поднесена интерпелацијата во јуни годинава: кршење на одредбите на Уставот и Деловникот на Собранието.

    Правните и политичките експерти тврдат дека претседателот на Собранието нема ингеренции да прифаќа или да отфрла иницијативи врз основа на тоа дали тие се уставни или противуставни, како што впрочем го стори тоа Џафери со отфрлање на повикот за референдум на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Според експертите, собранискиот спикер нема никакво право да го толкува Уставот, туку може да ја отфрли иницијативата единствено ако забележи дека таа не е уредно поднесена.

    Со ваквиот потег, коментираат познавачите, Џафери ги надминал своите овластувања, ги прекршил процедурите и се ставил во улога на уставен судија, а како што додаваат, овие три работи се сосема доволни за опозицијата повторно да иницира интерпелација за спикерот.

    Политичкиот аналитичар Петар Арсовски во разговор за Плусинфо вели дека поднесувањето интерпелација за Џафери е повеќе од извесно.

    – Џафери ја отфрли иницијативата за референдум поради суштински, а не технички причини. Тоа значи дека тој смета оти иницијативата се коси со Уставот, односно дека не може меѓународен договор да се поништи со закон. Дилемата сега е дали за таквото решение требаше да одлучува Собранието, а не самиот Џафери? И второто прашање е дали требаше воопшто Собранието да одлучува или требаше да се поведе иницијатива пред Уставен суд, бидејќи Уставниот суд ја цени уставноста на таквите иницијативи. Од одговорот на овие прашања зависи дали Џафери треба да поднесе одговорност – објаснува Арсовски.

    Од политички аспект, пак, тој вели дека на опозицијата сега не ѝ останува ништо друго освен да се радикализира и да започне со блокирање на работата на Собранието.

    – Во оваа ситуација и двете страни губат. Власта губи затоа што со политички маневар отфрли иницијатива за референдум, па акумулираната негативна енергија кон Договорот со Бугарија сега нема каде да се потроши. Со референдумот ќе имаше каде да се издише. Исто така, на власта не ѝ оди во прилог и тоа што опозицијата сега нема друг избор освен да ескалира. Тоа веќе го најави лидерот на Левица, Димитар Апасиев, а чекаме официјален став и од ВМРО-ДПМНЕ. Едноставно, по такво отфрлање на иницијативата, опозицијата нема друг избор освен да се радикализира. Наскоро може да се случи целосна блокада на институциите, вклучително и интерпелација за Џафери. Јас дури мислам дека интерпелацијата би била само еден од почетните чекори на ВМРО-ДПМНЕ. Страшно ќе биде ако се блокира целото Собрание – изјави Арсовски.

    Тој вели дека постојат негативни последици и за партијата на Христијан Мицкоски.

    Наскоро може да се случи целосна блокада на институциите, вклучително и интерпелација за Џафери. Јас дури мислам дека интерпелацијата би била само еден од почетните чекори на ВМРО-ДПМНЕ. Страшно ќе биде ако се блокира целото Собрание.

    Петар АрсовскиПолитички аналитичар

    – Најголемата опозициска партија во земјава прелесно се откажа од иницијативата за референдум. Џафери ја отфрли иницијативата, а опозиционерите си свиркаа како штурци. Немаше никаква посериозна реакција, освен најава за заострување на односите со власта. Кај членството на партијата ова може да предизвика сомнеж дека раководството сепак не било толку искрено и дека се исплашило од евентуален колапс. Значи, овде не постои победник. Според мене, најпаметен потег за власта ќе беше да се дозволи референдумот, бидејќи е невозможно тој да биде успешен без поддршката на СДСМ. Потребна е излезност од најмалку 910.000 гласачи, а за ова прашање едноставно не постои заинтересираност кај албанските партии и шансите за успешен референдум уште на почеток беа мали – објаснува Арсовски.

    Мислење побаравме и од професорот по уставно право, Борче Давитковски, кој смета дека и двете страни се подеднакво виновни.

    – Грешката е обострана. Иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ не беше добра, а не беше добро ниту образложението што го даде собранискиот спикер откако го одби повикот за референдум. Многу убаво е наведено во Член 118 од Уставот за тоа кој ги потпишува, а кој ги ратификува договорите. Вие не можете сега да го смените Законот за ратификување, бидејќи тоа може да го стори само оној што го склучил. И тука е измешана целата работа. Мислам дека треба да се седне и со трезвени глави да се надмине спорот. Се стремиме да живееме во демократија, а тоа значи дека за секое прашање може да се иницира референдум, бидејќи станува збор за народна иницијатива. Од друга страна, пак, потребно е референдумот да се изведе законски со сите нишани – вели Давитковски.

    Што вели Деловникот?

    Во Член 45 од Деловникот на Собранието е наведено дека интерепелација може да постават најмалку 5 пратеници за работата на носител на јавна функција, Владата и секој нејзин член поединечно, како и за прашања од работата на државните органи.

    Интерпелацијата, посочено е таму, се поднесува во писмена форма, ја потпишуваат сите пратеници што ја поднесуваат и таа треба да биде образложена.

    „Интерпелацијата се поднесува до претседателот на Собранието, кој веднаш ја доставува до оној кому му е упатена и до пратениците. Субјектот кому му е поставена интерпелацијата има право да достави писмен одговор на поставената интерпелација до претседателот на Собранието, најдоцна во рок од 15 дена од денот на приемот на интерпелацијата. Интерпелацијата се става на дневен ред на првата наредна седница на Собранието, по истекот на 15 дена од денот на доставувањето на одговорот до пратениците. Ако одговорот не се поднесе во рокот утврден во Членот 46 од Деловникот, интерпелацијата се става на дневен ред на првата наредна седница на Собранието. Право да ја образложи интерпелацијата на седница на Собранието има еден од пратениците што ја поднеле интерпелацијата, во траење од 20 минути. Субјектот кому му е поставена интерпелацијата се поканува на седница и има право да го образложи својот писмен одговор или да даде устен одговор на поставената интерпелација, во траење од 20 минути“, наведено е во Деловникот.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img