Рударите кои беа заглавени во косовскиот рудник за јаглен Трепча поради прекин на снабдувањето со електрична енергија, се извлечени попладнево, откако беше саниран дефектот предизвикан од удар на гром во рудничкиот систем за електрична енергија, јави дописникот на МИА од Приштина.
Информацијата во изјава за медиумите ја потврди претседателот на Синдикатот на рударите на Трепча, Гани Османи.
– Извлечени се сите рудари и нивната состојба е добра, изјави Османи.
Вкупно 123 рудари од прва смена, кои работат од седум до 14 часот, пред завршувањето на работното време останаа заглавени во хоризонтите 9, 10 и 11 на рудникот, откако гром уништил неколку изолатори во неговата електрична мрежа.
Веста дека сите се излезени и дека нема повредени, за порталот „Газета експрес“ ја потврди и директорот на рудникот, Енис Абдурахмани, нагласувајќи дека ситуацијата сега е целосно нормализирана.
– Точно е, излегоа сите рудари, а сега влегуваат и работниците од втората смена, за да продолжат со работа. Сé е во ред сега – изјави Абдурахмани