И покрај руските извештаи за победа и заземање на малиот источноукраински град Соледар, украинскиот претседател Володимир Зеленски тврди дека борбите за градот продолжуваат.
-„Тешката борба за Доњецк продолжува“, истакна Володимир Зеленски во своето секојдневно видео обраќање во петокот навечер. „Борбата за Бахмут и Соледар, за Кремина, за други градови и села на истокот од нашата земја продолжува“, рече тој.
Тој лично им се заблагодари на украинските војници кои ги бранеа Соледар и Бахмут од руските напади. Голема благодарност до борците од единицата „Кракен“ за решителните акции за уништување на непријателот во областа Соледар“, рече Зеленски.
Во Бахмут, тој, меѓу другото, и оддаде почит на Меѓународната легија, единица составена од странски борци.
Руското воено раководство и озлогласената руска платеничка единица Вагнер распоредена во Соледар објавија дека го зазеле градот.
Руското Министерство за одбрана во петокот соопшти дека руската војска ја презела контролата врз рударскиот град, што ќе биде прв голем успех на Русија на бојното поле по половина година воени неуспеси против украинските сили.
Двете страни претрпеа големи загуби во битката за контрола на градот познат по рудниците за сол.