Рок групата Let 3 од Риека победи на синоќешната Дора, хрватскиот избор за песна на Евровизија со песната „Mama ŠČ!“. Нивниот настап предизвика бројни коментари.
Членовите на бендот се појавија во костими кои потсетуваат на воени униформи, на сцената со ракети се појави и Владимир Илич Ленин, а на крајот музичарите го свртеа грбот кон публиката и покажаа дека имаат црвени рози во задникот.
Дел од домашната и од странската публиката е воодушевен, а дел смета дека Лет 3 треба да бидат дисквалификувани од овогодишниот натпревар на Песна за Евровизија.
„Не ни требаат шеги во овој контекст. Хрватска тоа едноставно не го сфаќа и не би требало да се лути кога нема да успее во мај“, пишува на Твитер еден корисник, кому домашните фанови се обиделе да му објаснат дека „тоа не е шега“ и дека се работи за „антипутиновска песна“.
„Па, ми се чини дека Хрватска ни оваа година нема да биде во големото финале“, коментира друг.
Има и такви кои сметаат дека Лет 3 е генијален избор за Евросонг.
„Ова е најдобра песна која Хрватска ја пратила на Евросонг во последните неколку години. Хрватска до победа“, гласи еден коментар.
„Песната се однесува на Лукашенко и на Путин. Ја обожавам“, додава друг, а многумина се согласиле дека Хрватска ќе победи на годинешниот Евросонг.
Групата Лет 3 освои вкупно 279 бодова од публиката и од жирито.
Нивните фанови, и не само тие, со години ги молеле членовите на бендот да настапат на Дора.
– Некој нѐ намести – вели за настапот Зоран Продановиć – Прља.
– Тоа е некоја завера! – се согласува Дамир Мартиновиć – Мрле, кој открива што значи „шч“ во нивната песна.
– Тоа е најстара буква од азбуката, 5.000 години постара од првите најдени азбуки. Сега таа наша азбука ние ќе ја испратиме со вселенски брод од Дора во орбитата. Кога ќе настане армагедон на Земјата, односно, кога ќе се смири армагедонот, ракетата ќе се врати и ќе ја доносе повторно првата азбука – објаснуваат членовите на Лет 3.
Медиумите во Хрватска пишуваат дека Лет 3 на Дора извеле антивоена песна, која е „добра заебанција за Путин и забавна критика на одвратната руска инвазија на Украина.“
Членовите на бендот биле облечени во стилизирани воени униформи и нашминкани. Еден го глуми Ленин кој држи две ракети во рацете. Во задниците музичарите имаа големи црвени ружи.
Групата Лет 3 во Хрватска важи за докажан великан во концептуалната уметност, рок театарот и рок перформансите. Можеби Хрватите на овој чекор ги поттикна минатогодишниот евровизиски успех на српската претставничка Констракта со концептуалната песна „In corpore sano“.
Хрватските медиуми наведуваат дека бил мошне слаб изборот на песни кои биле изведени на фестивалот и дека човек би посакал никогаш да не ги слушне.