Нема никаков застој во производството и електраните се подготвени во секој момент да испорачаат потребни количини енергија во системот, соопшти ЕСМ, откако попладнево половина Скопје се соочи со тотален мрак поради прекин на електричната енергија.
„Производството на електрична енергија од АД ЕСМ тече според предвидениот план за производство и согласно номинациите на ЕВН и другите потреби. Работат два блока во РЕК Битола, гасната електрана Енергетика во Скопје, еден котел во ТЕЦ Неготино, хидроелектраните според потребите и се презема и електричната енергија од ТЕ-ТО, согласно важечкиот договор. Што се однесува до системот за парно греење во Скопје, прекинот е настанат поради прекинот на електрична енергија која е неопходна за работа на пумпите во топланите и на пумпите во зградите. Пумпите автоматски се вклучуваат при обновен доток на електрична енергија и е потребно извесно време за нивно подигање, со што се очекува во текот на вечерта греењето да се врати во нормала. Во зградите коишто се постари и со постар тип на топлотни пумпи, вклучувањето ќе се изврши рачно од страна на стручни лица“, се вели во соопштението на АД Елекграни на Северна Македонија (ЕСМ).