More

    Додека владата и „Макпетрол“ се препукуваат, фирмите стравуваат

    spot_img

    Владата има осум дена да најде нов увозник на природен гас кој ќе го замени „Макпетрол“, откако оваа компанија соопшти дека нема да увезува и испорачува гас од 1 јануари следната година, бидејќи договорот со „Булгартрансгас“ за неа создава променети и неприфатливи услови за работа. Компанијата посочи дека државата нема донесено ниту подзаконски акти кои го регулираат прашањето.

    Компаниите кои се снабдуваат со гас, а немаат обезбедено замена за овој енергенс, стравуваат дека ќе треба да го запрат производството и да отпуштат работници.

    Владата, пак, уверува дека нема да има застој на снабдување со гас, но ги потсетува компаниите дека законски тие треба да имаат и алтернативен енергенс за замена на природниот гас.

    Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека гас за компаниите и парно за скопјани ќе има и по 1 јануари, бидејќи и тој лично се ангажира и, како што рече, веќе контактирал со извршните директори на неколку странски компании кои можат да увезуваат гас во земјава.

    – Либерализацијата на пазарот (на природен гас) е неопходна и за тоа веќе долго време се разговара и тоа е неминовно дека ќе се случи еден ден. Парно за граѓаните ќе има и гас за компаниите ќе има. За таа цел утрово ЕСМ објави повик за прибирање понуди од домашни и странски компании, кои имаат можност да обезбедат и да испорачаат потребни количества природен гас за производство на топлинска енергија за топланите, како и за останатите потрошувачи на природен гас во државата, поголемите производствени и услужни капацитети. Со дел од нив сум во директна комуникација, со нивните главни извршни директори – рече Ковачевски.

    Вчера министерот за економија Крешник Бектеши, пак, изјави дека се разговара со компании од повеќе земји кои ќе увезуваат и дистрибуираат гас во земјава. Колку ќе трае постапката за избор на еден или повеќе увозници на природен гас, од владата засега не кажуваат.

    Компаниите стравуваат дека ќе треба за запрат со работа

    Компаниите кои се снабдуваат со гас, а немаат обезбедено замена, стравуваат дека ќе треба да го запрат производството и да отпуштат работници. Тие велат дека во кризна ситуација нема да можат да инвестираат во пренамена на постројките од природен гас во друг енергенс.

    – И да имаме резервен енергенс ние сме ограничени да користиме друг енергенс на одреден период, по што треба да добиеме согласност од Министерството за животна средина. Тоа ја усложнува нашата работа, а инвестицијата станува непрофитабилна – велат од компаниите.

    Министерството за животна средина го потврди тоа, во соопштение поврзано со користењето мазут како замена за гасот.

    – Топланите „Запад“ и „Исток“ во Скопје во случај на недостиг на главниот енергенс – гасот, може да користат мазут како резервен енергенс во период од само 10 дена, а за негова понатамошна употреба потребна е согласност од Министерството за животна средина – информираа оттаму.

    За актуелната состојба со овој и другите енергенси денеска претсетавници од Стопанската комора и Македонската енергетска асоцијација побараа информација од премиерот Димитар Ковачевски и од министерот за економија Крешник Бектеши.

    „На состанокот беа разменети ставови, мислења и предлози околу справувањето со енергетската криза, за состојбата со снабдување  со енергенси, како и очекувања за движење на цената на елекричната енергија на берзите. Тема на разговор беа и ефектите од донесените одлуки и мерки на Владата“, соопшти Комората.

    Економисти велат дека Владата не смееше да дозволи ваква ситуација

    Економисти велат дека ова е задоцнета реакција на владата во однос на решавањето на проблемот со увоз на природен гас.

    – Државата не смееше да дозволи ваква неизвесност и несигурност за компаниите кои природниот гас го користат во процесот на производство. Доколку се случи тие да останат без гас и да немаат алтернатива, тоа ќе значи нивно затворење на одреден период, а тоа повлекува и проблем за работниците кои ќе останат без работа и, секако, можност компаниите да ги изгубат клиентите. Сега останува проблемот да се реши колку што може побрзо за да нема големо влијание врз економијата – вели Маријанчо Николов.

    Тој смета дека владата не смее јавно да се препукува со приватни компании и проблемите треба да ги реши со разговор.

    – Подзаконските акти, ако се подготвени, не одат преку Собранието. За нив е доволен потпис на соодветниот министер, што значи постапката може да биде брза. Зошто не се донесени е друго прашање – вели тој.

    Професорот Здравко Савевски, смета дека државата не смеела да се доведе во состојба, ако е тоа точно, да биде уценувана од приватна компанија и треба да најде начин такви случки во иднина да не се повторуваат.

    – Гасот во овој момент им е многу важен на компаниите и една ваква ситуација, што е практика, може од страна на една приватна компанија да се искористи за создавање екстра профит. Под претпоставка дека случајот со „Макпетрол“ е таков, тогаш е многу безобразно од нејзина страна да ја користи состојбата. Повторувам, ако станува збор за таков случај, тогаш државата ќе мора да ги искористи сите механизми за да го санкционира таквото однесување и да не дозволи во иднина ниту една компанија да го прави тоа. Но, сега државата мора на секој можен начин да обезбеди природен гас за компаниите за да не се најдат тие во лоша состојба – вели тој.

    Во земјава, според податоците на Регулаторната комисија за енергетика, само две компании увезуваат природен гас – „Макпетрол“ и комбинираната централа ТЕ-ТО.

    Доминантно учество во снабдувањето на пазарот на мало со природен гас во 2021 година има „Макпетрол“ со 53,5%. Фирмата ќерка на „Макпетрол“ „Промгас“ учествува со 35,05% пазарно учество, ДТИРЗ Скопје со 8,68% пазарно учество, ЈП „Струмица гас“ со 1,59% и ЈП „Куманово гас“ со 1,18% пазарно учество.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img