Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека од почетокот на годинава приливот на илегални мигранти од територијата на Северна Македонија е зголемен за четири пати, а од територијата на Бугарија за 3,6 пати. Вучиќ рече дека од почетокот на годината властите на Србија спречиле речиси 46.000 илегални влезови од Северна Македонија и дека презеле два вида мерки за спречување на илегалната миграција.
– Почнавме да ги укинуваме бесплатните визи за одредени земји од кои дојдоа значителен број мигранти. Досега го завршивме со четири земји и тоа Тунис, Бурунди, Гвинеја-Бисао и Индија. Toa е во согласност со она што од нас го бара ЕУ, за тоа зборуваа Урсула фон дер Лајен и Шарл Мишел – рече Вучиќ на заедничката прес-конференција со унгарската претседателка Каталин Новак по посетата на српско-унгарската граница кај Сегед.